Коалицијата „Маргини“ бара да се вратат содржините за сексуалната различност и хомофобијата во програмата за ССО
Коалицијата „Маргини“ остро реагира на отстранувањето на дел од содржините од наставната програма за Сеопфатно сексуално образование, која по претрпените измени е преименувана во Здравје и заштита на здравјето. Невладината организација оценува дека бришењето на поимот „род“, отстранувањето на содржините за сексуалната различност, хомофобијата, родовата еднаквост и сексуалните и репродуктивните права претставува уште еден удар врз родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ-луѓето.
Оттаму бараат Министерството за образование и наука да даде јавно објаснување врз основа на кои стручни сознанија е направена оваа измена и како таа придонесува за целите на образованието.
„Со отстранувањето на оспоруваните содржини, Министерството за образование и наука ја зацврстува моќта на антиродовите актери да определуваат чии искуства смеат да бидат именувани во образованието. Цената на ваквото повлекување ја плаќаат младите чии права и безбедност веќе се загрозени. Јавното негодување против нивната рамноправност не смее да стане критериум за наставните програми“, велат од Коалиција „Маргини“.

