Клиничката болница во Штип бара вработување на околу 50 лица, меѓу кои и 15 лекари
Дефицитарниот кадар штипската Клиничка болница ќе го надополнува со вработувања, за кое бара согласност од Министерствата за здравство и финансии.
Станува збор за вработувања на околу 50 лица од секаков профил, а приоритет за вработување ќе имаат оние лица кои веќе работат и имаат договори на дело. Откако дел од вработените заминаа на работа во приватното здравство, друг дел се пензионираа, во моментот болницата кубури со кадар.
Кадар недостига најмногу во Одделот за анестезиологија, од каде за два до три месеца си заминува уште еден анестезиолог, со што на овој оддел ќе останат само тројца кои ќе треба да ја извршуваат работата во целата болница, а со тоа дополнително се отежнува процесот на изведување на оперативни процедури.
Меѓутоа, недостаток на кадар има буквално на сите оддели, а најзагрижувачка е ситуацијата на ортопедија, Одделот за очни болести, како и на инфективното одделение. Сепак, директорот Ѓеорѓијев вели дека има доволно финансии за сѐ она што е предвидено за набавка со планот за јавни набавки.
Инаку, 36 кревети болницата во Штип доби како донација од германска болница во координација со наши иселеници. Креветите се веќе распоредени по одделенијата, од кои најголем дел на Инфектологија.
Во блиска иднина се очекува и донација со нови болнички кревети за Одделот за детски болести, а душеци болницата ќе набави од сопствениот буџет. Ова ќе значи делумно подобрување на здравствените услуги, кои ги нуди штипската Клиничка болница.