Клековски: Вакцинацијата против сезонски грип ќе започне навреме, СДСМ обвинува за „колапс“ на здравствениот систем
Кај нас нема повеќе од спорните вакцини за БСЖ, а понатаму ќе се вакцинира со јапонски – уверува министерот за здравство, Сашо Клековски, откако вчера информираше дека вакцинацијата против туберколоза во Македонија привремено се одложува, по пријавите за сомнеж на несакани реакции во Хрватска од вакцина на истиот бугарски производител. Клековски денес кажа и дека двете серии на БСЖ вакцината за кои се вршат дополнителни анализи целосно биле искористени до летото оваа година и посочи дека во Македонија досега нема документирани несакани ефекти.
Што се однесува за вакцинацијата за сезонски грип, Клековски тврди дека ќе почне во втората половина на октомври откако вчера Министерството соопшти дека на тендерот не се пријавила ниту една фирма. Од планираните 80 илјади вакцини, во прв план се очекува да пристигнат 56 илјади.
Меѓутоа, сезоната на грип е на праг и веќе започна да ги полни ординациите. Лекарите алармираат за реперкусии од доцната имунизација.
И додека бебињата и граѓаните чекаат вакцини, грипот ни тропа на врата, а овој хаос во здравството го направи Клековски, обвинија денес од опозициската СДСМ.
Инаку, истрагата на Бугарскиот државен фармацевтски производител покажала дека во два од четирите пријавени случаи во Хрватска, била администрирана доза што била десет пати поголема од пропишаната, соопшти бугарското Министерство за здравство. Истата вакцина е суспендирана и во Македонија додека трае истрагата.

