Ќе соработуваат ли коалициските партнери на илинденска броj 2 за локални избори?
Коалициските партнери на Христијан Мицкоски, четворката од Вреди очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ во вториот изборен круг на локалните избори.
Според висок владин функционер од Вреди, Гаши, Касами, Таравари и Меџити дефинитивно ќе одат на избори до заеднички листи, а начелно се знаат и општините каде кој би предложил свој кандидат.
- Логично е да очекуваме поддршка од ВМРО ДПМНЕ во вториот круг на локалните избори во општините со доминантно албанско население, секако и обратно. На локалните избори, "Вреди" дефинитивно ќе го испрати ДУИ во историјата. - вели за ТВ 24 висок функционер од Вреди.
Официјално од ВМРО-ДПМНЕ само велат дека е прерано и дека како што соопшти нивниот лидер и премиер кандидатите за градоначалници ќе ги соопштаат во мај. Неофицијално пак, според висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ се очекува најпрво да расчистат во својот двор, односно пред воопшто да седне да преховара со коачициските партнери за евентуална поддршка Мицкоски да прецизира со кои кандидати каде ќе истрча.
Според информациите на ТВ 24 од висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ веќе предлозите од ОК стигнале до централата. Вклучувајќи и предлози од Струга, Кичево, Тетово, Гостивар, општините на кои типуваат од Вреди.
- Немам дилема дека ВМРО-ДПМНЕ треба да има кандидати во првиот круг во секоја општина. За жал со територијалната прераспределба бројот на гласови е јасен, но со кандидат ВМРО- ДПМНЕ ќе извојува и повеќе советници, вели за ТВ 24 висок партиски функционер од ВМРО -ДПМНЕ.
На договор за поддршка од Мицкоски чека и третиот коалициски партнер, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски во Куманово. Според неофицијалните информации на ТВ 24 темата се отворила меѓу ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ, но засега конечен епилог нема.