Ќе се стави ли крај на сообраќајниот хаос на клинички?
Три катни гаражи, околу 1.500 нови паркинг места, до јуни решавање на соообраќајниот хаос на клинички. Ова е последната во низата најави на здравствените власти за проблемот со паркингот во најголемиот комплекс клиники.
Сепак засега договор се уште не е потпишан помеѓу министерството и Градот Скопје, не е утврдена динамиката на градење, а не се знае ниту колку пари ќе треба да се одвојат од буџетот за изградба на гаражите.
Во однос на цените за билетите пак, министерот Алиу како што и претходно најави ќе бидат различни за пациенти, вработени и посетители, а ќе има можност и за резервација и плаќање преку апликација.
Азир Алиу – Министер за здравство
„Ќе има неколку видови на плаќање на паркинг местата. Онколошки пациенти и сега имаат бесплатно паркинг место, тоа ќе продолжи да биде така. Пациенти кои се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. На крај, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг места што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓани кои се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје “....
Во меѓувреме пак сликата од скопскиот клинички центар и маките на граѓаните остануваат исти.
„Еве јас во 11.30 часот имав термин за магнетно снимање, за малку ќе задоцнев, не можев да најдам паркинг“...
„Ова е катастрофа, треба да се преземе нешто, саат време кружам овде, одвај најдов паркинг. Треба да се преземат мерки, а не да се инвестира на други места. Треба да се инвестира во болницава каде што има потреба народот“.
„Хаос е, катастрофа е, тука би требало главен град да има паркинг“
Монтажните катни гаражи ќе ги изведува градот Скопје, а со нив ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“...Договорот ќе биде склучен на 15 години, со закупнина во висина од 10% од вкупниот остварен промет....
Според последните најави едната гаража ќе се гради на местото на сегашниот паркинг до Клиниката за гинекологија, втората на местото на хелиодромот, а третата на местото каде што беше модуларната болница до инфективната клиника.
Владата пред неколку дена донесе одлука со која веќе се затвораат административните препреки и како што тврди - ќе може да се стартува и со работа на терен.

