Ќе се спасат ли пратениците што гласаа за уставните измени?
Foto

Ќе се спасат ли пратениците што гласаа за уставните измени?

По пауза од дваесетина дена скопскиот кривичен суд, во понеделник, повторно ги отвора вратите за случаите иницирани од Специјалното јавно обвинителство. Судот, веќе в понеделник, ќе ги отвори вратите за судскиот процес наречен „Тендери“, во кој како обвинета се јавува поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска. Милевска, како што е познато, одговара за наместен тендер во време кога се градеше Музејот на македонската борба. Таа е обвинета за фаворизирање на градежната компанија „Бетон“, од Штип, со тоа што им доделила работа пред тие да бидат избрани на тендер како фирма со најдобра понуда.

Продолжението на судењето на Канческа-Милевска се случува кога таа, како обвинета очекува измени на членот 353 од Кривичниот законик. Токму во измената на споменатиот член некои гледаат своевидна „амнестија“ не само за Канческа-Милевска, туку и за Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Владимир Пешевски, Сашо Мијалков и уште неколкумина други. Пред нешто повеќе од два месеца, а во очекување на е измени во членот од законот, Канческа-Милеска и другите седуммина пратеници од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ одлучија да гласаат против одземањето на пратеничкиот мандат на Никола Груевски.

За разлика од минатиот ноември, вчера, обвинетата Канческа-Милевска, и независната пратеничка група, гласаше за измени во Уставот и притоа отфрли какво и да е национално предавство.

„Предавници не се чувствуваме, во ниту еден момент! Предавници се они кои бегаат и не нудат решенија. Нешто што можеа да направат е тие да го поднесеа овој амандман или да ни дадоа оваа поддршка. Со тоа барем нешто ќе останеше како нивна заложба. Иако сме мал број на претеници на опозицијата кои се одваживме и земавме учество и ангажман за да го подобриме овој договор и да го потврдиме и зачуваме македонскиот идентитет и јазик. Успеавме да ги надминеме навредите и заканите, исправено и гордо, задржувајќи ја човечноста.“ - изјави Канческа-Милевска .

И покрај тоа што не доби поддршка за поднесениот амандман, со кој планирале на сегашната и на минатата власт да и го објаснат процесот на преговорите со Грција, Канчевска гласаше за уставните измени. Дали и во која насока ќе се одвива судењето за случајот „Тендери“ ќе се знае веќе веќе задутре, но доколку во понеделник и не се случи некаква разврска, тогаш работите ќе бидат појасни десетина дена подоцна, односно на 25. овој месец, за кога е закажано продолжението на овој судски процес. Елизабета Канческа-Милевска уште на првото судско рочиште се изјасни како невина, а вина не чувствуваат ниту обвениетите Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска.

0 Коментари

Остави коментари