Ќе се пролонгира терминoт за легализација на дивоградбите изградени до 2011 година, за уште 5 години

Уште едно продолжување на рокот да се легазилираат дивоградбите. Власта предлага продолжување од нови пет години односно до 2031 година.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека оваа измена не предвидува да се поднесуваат нови барања за легализација, туку е исклучиво за оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.

Бојан Стојановски – Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

„Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотно-правни односи, разни постапки или претходни прашања кои не биле по нивна вина. Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети кои се во процедура би биле прекинати по сила на закон во фазата во која се затечени “

Предлогот доаѓа по барање на општините...Во некои општини дури половина од вкупниот број на барања не се завршени.

Од Заедницата на единици на локална самоуправа велат дека причината се бирократските процедури поради кои стотици предмети стојат заглавени во административните лавиринти.

Дејан Митески – Градоначалник на Општина Аеродром

„Дали станува за неажурност на барателите па не се доставени елаборати и комплетна документација, дали станува збор за судски постапки каде што има повеќе баратели кои бараат легализација на еден исти објект, за нерасчистени имотно правни оноси меѓу барателите и наследниците станува збор за жива материја која што постојано е променлива и како општини можам да кажам дека во најголем дел оние чисти предмети кои ги исполнуваат сите услови за легализација се легализирани, останати се предмети за кои е потребно повеќе време за жал најчесто тоа се предмети кои се заглавени во судски постапки“.

Дополнително тврдат дека злоупотреби нема да има бидејќи измените нема да важат за новоизградени објекти туку исклучиво за оние кои веќе влегле во постапка.

Горан Герасимовски – Градоначалник на Општина Центар

„Не гледаме можности за злоупотреби бидејќи станува збор за документи и барања за легализации кои се доставени во општините во рамки на законскиот рок, а тоа е 2011 година, а доколку се нецелосни или неточни податоци бараме дополнување доколку не ги исполнуваат условите истите се одбиваат од општините“...

Законот за легализација на дивоградби беше донесен во 2011 година и ако се усвојат измените и рокот се продолжи до 2031, законот ќе биде во сила вкупно 20 години.