Ќе се приклучи ли Таравари на албанскиот опозициски блок?

Интензивни преговори во сенка во пресрет на двојните избори - ќе има ли ново престројување во редовите на албанската опозиција?

Извори за ТВ 24 брифираат дека овие денови триото Меџити - Касами - Гаши интензивно разговара со Алијанса за Албанците, за престројување на партијата на Таравари на страна на опозицијата, за претстојните избори.

Порачуваат дека до крајот на декември ќе се знае одлуката. Албанската опозиција, односно Европскиот сојуз за промени, веќе некое време го бара испразнетото столче на ДИК, на кое седеше актуелниот министер за правда Кренар Лога. Според партиски извори, доколку преговорите со Алијанса за Албанците успеат, триото Меџити- Касами – Гаши ќе се откаже од ова барање.

Од партијата на Таравари, пак, извори за ТВ 24, потврдуваат дека се разговара, но не само со Европскиот сојуз за промени, туку велат - Овие денови,сите опции се отворени. Таравари за време на лидерската средба, пред новинарите порача дека се планира неговата партија на изборите да настапи самостојно, но конечната одлука ќе ја донесе Централното собрание на партијата.

Ковачевски вчера во интервју за 360 степени порача дека премиерското столче ќе го испразни на 28 јануари, на денот на стартот на техничката влада, но и дека се уште не разговарале со ДУИ за технички премиер. Порача дека се прават анализи дека дали СДСМ на парламентарните избори ќе оди самостојно со своите традиционални партнери или во коалиција и со ДУИ и Алијанса за Албанците.

Треба да се направат добри анализи од аспект на емпириски студии што би значело тоа. Второ, во однос на усогласеност на програми, усогласенот на вредности и трето, во однос на усогласеност на кадровската понуда што би одела во една таква ситуација. Така што, во овој момент многу е тешко да се даде точен, прецизен одговор за тоа која опција би била реална. Меѓутоа, јас опциите не ги отфрлам, но мора да бидат анализирани. - рече Ковачевски.

А лидерот на опозицијата Мицкоски, во интервју за тв Шења, порача - после 20 години , добро е ДУИ да биде опозиција.

- ВМРО-ДПМНЕ на овие избори се натпреварува да освои 61 пратеник, знаеме дека тоа е пеколно тешко и ќе се обидеме исто како на локалните избори што испишавме историја таа историја да ја затвориме на овие парламентарни и претседателски избори. - вели Мицкоски.

Изминатата недела на лидерската средба се постигна договор за двојни избори. На 24 април ќе се оддржи првиот круг од претседателските, а на 8 мај ќе се оддржат вториот круг од претседателските и парламентарните избори. Договор падна и за измените на изборниот законик за препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои наскоро ќе влезат во собраниска процедура.