Ќе се пренамени ли Домот на културата во Штип во дискотека?
Ќе се пренамени ли Домот на културата во Штип во дискотека, по најавата за гостување на српски забавен естраден уметник во објект чија што намена е одржување на културни манифестации?
Ова прашање се отвори откако во јавноста се пласираа информации дека српскиот пејач Саша Ковачевиќ ќе ја забавува штипската публика во Домот на Културата “Ацо Шопов“ во Штип, културна институција со богата културна историја која во наредниот период наместо културни настани ќе организира концерти буквално како во диско со неколку српски уметници.
Според информации кои веќе кружат во јавноста со продажбата на картите се нуди и алкохол и во зависност од тоа кој пакет ќе се избере следува и маса. Истите ќе бидат поставени во големата сала, а столчињата ќе бидат отстранети. На социјалните мрежи сето ова предизвика бурни реакции, што денес кулминираше и со кривична пријава од страна на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов против директорот на Центарот за култура, Горан Трајков.
Дали Центарот за култура во Штип треба да се претвори во дискотека и таму да се одржуваат концерти на кои ќе се точи алкохол, ТВ 24 ги праша и граѓаните.
Од каде идејата за ова, која е целта и зошто токму во институција која треба да нуди култура? Прашања на кои 24 се обиде да добие одговори токму од најзасегнатите, директорот на институцијата и министерката за култура. Сепак, одговорите на нашите прашања и понатаму лебдат во воздух бидејќи ресорната министерка, Бисера Костадиновска-Стојчевска не сакаше ниту да даде изјава, ниту пак да ги коментира актуелните случувања. Додека директорот, Горан Трајков, кој првично самиот не покани на интервју, за потоа воопшто да не се појави на истото и следна опција за изјава на ТВ 24 е за во сабота.
Во меѓувреме, 24 го контактираше и надлежниот инспекторат за култура, при што прашавме дали можеби ќе се изврши инспекциски надзор, со цел да се утврди фактичката состојба на терен, но и што следува по поднесената кривична од страна на Јорданов против директорот Трајков? Одговорите ги очекуваме и штом ги добиеме ќе бидат пласирани во јавноста.
Сепак, и понатаму останува да важи прашањето, каква култура нуди Домот на културата во Штип?