Ќе се потврди ли прв случај на мајмунски сипаници во земјава?!

Во тек е епидемилошка анкета за првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во Македонија.

Тимови од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство попладнево се на терен, земаат примероци и го утврдуваат движењето и контактите на лицето за кое има сомневања дека е носител на вирусот.

„Според информациите од кичевската болница станува збор за суспектен пациент кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање“, пишува во соопштението од Министерството за здравство.

Од Комисијата за заразни болести велат дека веќе дале препораки околу мајмунските сипаници, а Министерот за здравство пред дестина дена изјави дека има доволно тестови и вакцини.

„Уште пред неколку месеци дадовме насоки за дефинирање на протоколите и скрининг и тестирање и дијагностика. А Институтот за јавно здравје е задолжен за препораките и информирањето околу мајмунските сипаници“, вели Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.

Институтот за јавно здравје веќе направи едукативен флаер. Симптомите може да бидат од средни до тешки. Треска, главоболка, слабост во мускулите, недостаток од енергија и лимфни топчиња на кожата, се начестите сиптомите.

„Преносот од човек на човек може да настане при близок контакт со респираторни секрети, оштетувања на кожата на заразено лице или неодамна контаминирани предмети. Преносот преку респираторни честички обично бара продолжен контакт лице в лице, што ги става здравствените работници, членовите на домаќинството и другите блиски контакти на активни случаи во поголем ризик“, велат од ИЗЈ.

Случаи на мајмунски сипаници се потврдени во речиси сите земји од регионот. Во светот веќе се појавија и првите случаи кај деца. Од СЗО повикаа на внимателност поради зголемениот број случаи.