Ќе се одложи ли повторно прогресивниот данок?
Прогресивниот данок ќе се одложи и нема да стапи на сила од 1 јануари наредната година - дознава ТВ 24. Лебот, млекото и основните прехрамбени производи ќе останат со повластена стапка од 5% ДДВ, а со 10 проценти ќе се оданочува луксузната храна како и многу други производи од повластената листа.
А од први јануари граѓаните ќе плаќаат 10 наместо 5 проценти ДДВ за струјата. Ова се дел од деталите од најавената даночна реформа која министерството за финансии најверојатно ќе ја објави до крајот на неделава.
- Прогресивниот данок најверојатно ќе се одложи, бидејќи таков како што е не ги даде очекуваните ефекти и потребна е доработка. Листата на производи со повластена ставка на ДДВ ќе се скрати, но основните прехрамбени производи ќе останат со 5 проценти ДДВ. Таму има 217 ставки за храна каде влегуваат и некои полуксузни производи. На 10 проценти ДДВ ќе се оди на пример кај производи месо од ајкула, путер од кикирики, путер од кокос и други кои не знаеме како влегле на таа листа - брифираат владини извори.
Даночењњето на каматите на штедните влогови најверојатно ќе се одложи, а за реинвестираната добивка и капиталните приходи се бара најсоодветнио модел исто како и за плаќање на придонеси за хонорарците, кое најверојатно понатаму ќе се воведе но ќе биде со право на избор, брифираат нашите извори.
Бизнисот пак апелираше дека не е време за даночни реформи и нови оптоварувања за компаниите на сред економска и енергетска криза. Дека на бизнисот, но и на инвеститорите во зоните им треба предвидливост, и јасна претстава што ќе се случува после Нова Година, согласни беа и вчерашните гости во Алнализа на ТВ 24.
Она што се знае е дека со даночната рефиорма, која треба да почне да се применува после нова година, во буџетот е планирано да се соберат 76 милиони евра. Вкупните даночни приходи во државната каса се проектирани на 2,6 милијарди евра, што е за 316 милиони евра повеќе пари од даноци од годинава. Дури 1,3 милијарди евра се од ДДВ, или 163 милиони евра повеќе од годинава.
ПРЕДЛОГ- БУЏЕТ ЗА 2023 ГОДИНА
ДАНОЧНИ ПРИХОДИ
ВКУПНО 2,6 милијарди евра ( + 316 милиони евра) +13,6%
ДДВ 1, 3 милијарди евра (+163 милиони евра) +14,7%
ДЛД 431 милион евра (+63 милиони евра) + 17,1%
Данок на добивка 239 милиони евра (+21 милион евра)
Придонеси 1,4 милијарди евра + 12,1%