Ќе се менува постојниот кривичен законик

По најавите на министерот за правда за законско решение за измените во постоечкиот Кривичен законик со цел да се отстранат штетните последици од измените на КЗ од 2023 година и обезбедување јасна и прецизна дефиниција за одредување на злоупотребата на службената положба, како и намалување на ризиците за нејзината злоупотреба за политички или неосновани цели, академик Владо Камбовски по вокација кривичар, за ТВ 24 вели дека неопходни се измени.

„Добро е што министерството излегува со предлог за измени за постојниот КЗ, во однос на оние измени кои беа направени во 2023 година. Новиот КЗ треба да биде усвоен според реформската агенда и патоказот за владеење на правото до крајот на оваа година, така што ќе стапи во сила дури наредната година. Имаме еден празен период во кој важат оние стари одредби кои беа критикувани.“ - академик Владо Камбовски.

Според академик Камбовски овие најави се рационални и очекува што поскоро да се усвојат.

„Тие одредби кои се однесуваат на конфискацијата, на злосторничкото здружување и на злоупотребата на службената должност и издвоено е посебна нова инкриминација на злоупотреба при вршење на јавни набавки. Сето тоа е дефинирано во новиот акт на КЗ и рационално е тие одредби за кои веќе е дискутирано во повеќе кругови на системот, две години трае таа расправа за нацртот на КЗ. Можат да бидат преземени и во една брза постапка во Собранието, да бидат ставени во собраниска процедура и да бидат брзо усвоени и без да се чека на новиот КЗ.“ - академик Владо Камбовски.

Претходно, портпаролката на ЕК Ана Писонеро за Тв 24 со загриженост констатираше дека измените на КЗ влијаат на голем број случаи за корупција на високо ниво. Посочи дека зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење.

Измените на КЗ експресно беа донесени во законодавниот дом во септември 2023 година. Со измените меѓу случаите кои паднаа во вода беа „ТНТ“, „Траекторија“, „Талир“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Тендери“, „Шпански скали“, а Измените на КЗ ги спаси Никола Груевски, Сашо Мијалков и Рамиз Мерко.