Ќе се испитува лекарска грешка по царскиот рез по кој 19 годишна жена остана неподвижна
Кој и што е причината што 19 годишната Станка Михајлова во моментов е во инвалидска количка? Свекорот на Станка, Велибран Стојанов, вклучувајќи се во живо на социјалната мрежа „фејсбук“, јавноста ја воведе во нивната приказна-потенцирајќи дека по породувањето и царскиот рез извршен кон крајот на јуни во штипската болница, неговата снаа не може да се движи.
Министерството за здравство ќе утврдува евентуална лекарска грешка и најавија вонредна инспекција. Оттаму тврдат дека внимателно го следат случајот со 19 годишната пациентка и е во постојана комуникација со надлежните установи.
Министерство за здравство: „Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот.“
Стојанов за Тв 24 вели дека изминатиов период постојано биле препраќани од една во друга болница, а по одреден период била пуштена да оди дома. Тој вели дека по објавата на видеото неговата снаа во моментов е во болница.
Велибран Стојанов-свекор на Станка Михајлова: „Прво ја однесовме во Струмица на Гинекологија, ни кажаа дека немало анестезиолог морало да оди за Скопје. Потоа, се одлучи во Штип да ја однесат со брза помош. Ја однесоа таму, чекавме, ја породија со царски рез и ние не знаевме што се случува со неа. Ни кажаа дека таа е добро и бебето е добро. Си дојдовме, разговаравме со снаата како е. Ни кажаа дека и се дрват нозете, нема осет за нозете... Ни се јавија да ја земеме снаата, ама таа не можеше да движи како што треба..“
Тој посочи дека после толку многу прегледи, препраќања од болница во болница, на крај им било кажано дека Станка ќе остане неподвижна. Семејството бара одговорност и одговор на прашањето: „Зошто?“ .
Велибран Стојанов-свекор на Станка Михајлова: „Вчера во Штип не ја примија сакаа да си дојдеме дома и јас уклучив лајв. Ми рече некој од таму да не снимам. Потоа ја примија на Неврологија па мене ме смируваа.“
На семејството на Станка, му посочиле дека доколку не помогнат физикалните терапии, ќе треба да биде испратена во Турција или Германија. Реакцијата на здраствените власти доаѓа откако Стојанов беше приморан да ја каже маката на социјалните мрежи, а по бурните реакции на јавноста, реагираат институциите.

