Ќе се дојде ли до мир меѓу Украина и Русија?
Украина подготвува ревидиран мировен план за завршување на војната со Русија, кој ќе го презентира пред Белата куќа, во обид да избегне територијални отстапки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е дециден дека нема да го награди Путин за војната. Вели дека е подготвен за разговори, но само во рамките на меѓународното право и правото на самоодбрана.
Володимир Зеленски – претседател на Украина
„Русија инсистира да се откажеме од територија, но дефинитивно не сакаме да се откажеме од ништо. За тоа се бориме, како што добро знаете“.
Европските сојузници се на страната на Киев и се усогласени околу важноста на безбедносните гаранции и почитувањето на територијалниот интегритет на Украина. Европа ќе продолжи да придонесува во сите напори за праведен и траен мир-истакнаа лидерите на ЕУ и НАТО по состанокот во Брисел.
ЕУ
„Додека мировните преговори се во тек, ЕУ останува непоколеблива во својата поддршка за Украина. Нашите предлози за финансирање се на маса. Целта е силна Украина, на бојното поле и на преговарачката маса. Му потврдивме на претседателот Зеленски, ЕУ останува непоколеблива и посветена на своите принципи. Суверенитетот на Украина мора да се почитува“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека е дојдено време за одржување претседателски избори во Украина. Трамп рече дека Русија има посилна преговарачка позиција од Украина.
„Нема сомнение за тоа. Време е Зеленски да се собере и да почне да прифаќа предлози. Европа не успева да се справи со конфликтот во Украина“.
Како што истакна Трамп, многу европски земји наскоро ќе станат неодржливи поради „катастрофалните“ миграциски политики. Западни медиуми објавија дека украинскиот претседател е под зголемен притисок од САД да се согласи на значајни територијални компромиси и други отстапки како дел од предлогот на американската администрација за прекин на војната со Русија.

