ЌЕ ПРЕДИЗВИКА ЛИ БРИСЕЛСКОТО „НЕ“ ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС НА РЕЛАЦИЈА МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА?

Ќе предизвика ли Бриселското НЕ, земјотрес на однсоите меѓу Македонија и Грција? Но и како ќе се спроведе Преспанскиот договор - во делот кој што директно е поврзан со отворањето на еу поглавјата....Од Илиндеска број 2 немаат дилеми – Спогодбата ќе оди до крај.

Официјална Атина пак испарќа други пораки – предупредуваат на проблеми. Ангелос Сиригос пратеник на Нова Демократија во телефонска изјава за тв 24 вели дека доколку во мај Македонија повторно извиси ќе има проблем. Во тој случај најпогодно би било повторно да има преговори за спроведување, но Владата на Мицотакис не знае колку македонската страна е подготвена за тоа.

- „Јасно е дека не може да биде имплементиран во блиска иднина. Затоа мора да видиме како Договорот ќе се спроведе во иднина. Секако дека веруваме дека преговорите ќе започнат во мај наредната година иако сметам дека тоа е многу долг период- 5 години од отворањето на секое поглавје во преговорачкиот процес. Ова прашање ќе мора да го разгледаме повторно. Секако дека е проблем имплементацијата на Договорот ако не добиете датум. Овие проблеми се решаваат со преговори, но навистина не знам колку е вашата Влада подготвена да разговара за овој проблем.“ - др. Ангелос Сиригос пратеник на Нова Демократија телефонски.

Според Преспанскиот Договор сите документи и материјали за внатрешна употреба во согласност со член 1 став 3, треба да се менуваат, при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ, а истото да биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Но, Македонија минатиот петок доби црвен картон од Европскиот Совет. Сепак тоа не го спречи премиерот да остане оптимист за спроведувањето на договорот со Грција.

- „Јас оддржав состанок непосредно пред мојата посета во Брисел, со сите институции каде што конкретно има замерки дека одредени имплементации не се решени. Мониторингот треба да стигне некаде на крајот на месецот за таквата имплементација, верувам дека 100 процентно или целосно ќе ги имплементираме договорите, поради тоа што како што веќе реков - тоа е закон.“ - Зоран Заев.

И додека власта ветува целосна имплементација, опозициската ВМРО ДПМНЕ предизборно разгледува можност да го врати назад старото уставно име на државата. Поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг изјави дека овој процес бил комплициран но не и невозможен. Според него едната опција е Уставниот суд да го прогласи договорот за неважечки, а другата е пратениците кои биле под закана и притисок – јавно да проговорат и сведочат.

- „Ова е против Спогодбата и ќе биде голема грешка ако се следат овие чекори. Голема грешка од ваша страна. Доколку навистина го направите ова, ќе бидете презирани и одбиени од меѓународната заедница, затоа што меѓунардните договори мора да бидат имплементирани и треба да запомните дека меѓународното право ги штити послабите земји, не посилните. Ќе биде голема грешка ако следната Влада во иднина реши да не имплементира меѓународен договор.“ - Анеглос Сиригос.

Во меѓувреме промена на крај патните знаци во Грција нема да се случи, затоа што името Скопје на автопатите не означувало држава, туку град.

Промената на името за домашна употреба во текот на уставните измени , владата и премиерот Заев ја гарантираа токму со преговорите на ЕУ и отворањето на поглавјата.