Ќе поскапи ли струјата?

Ќе плаќаме ли повеќе за струја, ќе зависи од тоа какви пресметки ќе достават енергетските компании. Денеска истекува рокот за МЕПСО, Електродистрибуција, ЕВН Хоум и МЕМО да ги поднесат своите пресметки за трошоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија.

Овие податоци се клучен елемент во утврдувањето на новата цена на струјата што ќе важи од следниот регулаторен период. Штом документите стигнат, Регулаторната комисија за енергетика ќе влезе во детални анализи. Одлуката ќе зависи и од пресметките на компаниите, но и од тоа по која цена ќе се набавува струјата.

„Откако ќе ги добие документите од енергетските компании, Регулаторната комисија за енергетика ќе влезе во пресметки. Сепак, се ќе зависи од тоа по која цена ќе биде набавена струјата. Некаде пред крајот на годината ќе се знае новата цена на струјата.“

Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, не очекува драстични промени во цената. Сепак, некои надворешни фактори би можеле да влијаат на конечниот износ на фактурите. Меѓу нив, можноста Македонија да почне да плаќа такса за јаглерод ако се воведе европскиот механизам за регулирање на прекуграничните емисии на CO₂, познат како CBAM.

Ако електричната енергија се произведува од јаглен, земјата ќе треба да плаќа дополнителни 70 до 80 евра по мегаватчас за увоз на таа струја или други производи со високи емисии. Друг клучен фактор ќе биде и цената по која ЕСМ ќе му ја продаде домашно произведената струја на ЕВН Хоум, Универзалниот снабдувач.

Во моментов таа изнесува 62 евра за мегаватчас, но нов повик за понуда треба да се објави до крајот на годината. Колку ќе плаќаат домаќинствата ќе се знае најверојатно во декември, но за граѓаните останува клучното прашање, дали сметките ќе останат исти или ќе бидат повисоки.