Ќе поднесе ли ВМРО-ДПМНЕ иницијатива до Уставен суд за доделениот мандат за Заев?
Foto

Ќе поднесе ли ВМРО-ДПМНЕ иницијатива до Уставен суд за доделениот мандат за Заев?

По вчерашната најава за замрзнување на односите со шефот на државата, ВМРО-ДПМНЕ денеска консултира правници, какви чекори да преземе затоа што мандатот за формирање Влада е во рацете на Заев. 

Според партиски извори не се исклучува можноста да се поднесе иницијатива до Уставен суд, но засега од штабот на ВМРО-ДПМНЕ се во правничка дилема, што ќе прават во деновите додека СДСМ ги пегла односите со ДУИ. 

– Во однос на позицијата на ВМРО ДПМНЕ веќе е јасно кој го узурпираше мандатот во раце и кој го има мандатот за да се обиде, како што вели да состави влада. Но морам да истакнам и дека во ВМРО-ДПМНЕ сите опции се отворени во наредниот период и секако ќе го следиме периодот преговори кој што ќе го предводат партиите и како ќе има нови моменти, така ние ќе известуваме во јавноста.  рече Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ се држи на иста линија со досегашниот претседател на законодавниот дом, Џафери и тврдат дека Собранието не е конституирано зашто не е избран претседател на Парламентот. Џафери првично најави дека ќе свика собраниска седница откако од медиумите дознал дека Пендаровски го додели мандатот на Заев. Но сепак се предомисли ,па ја одложи со образложението дека добил внук. Денеска истапи со нов став за телевизија 21, дека ќе свика седница кога тој ќе одлучи. 

- Врз основа на моите надлежности, кога ќе одлучам тогаш ќе ја свикам. Јас засега немам никакви планови. - изјави Џафери.

Пендаровски пак вчера реагираше на овие ставови на опозицијата и Џафери и кажа дека мандатот не може да го чува во фиока. Според шефот на државата прекршување на македонскиот Устав ќе имаше само во случај ако мандатот во овие 10 дена не се доделеше на никој.

Тој се повика и на Стојан Андов во 2006 и Трајко Вељаноски во 2016 кои како претседавачи во претходниот парламентарен состав, во иста ситуација како сега, го сметале Собранието за конституирано и без негов избран претседател, а мандатите од тогашните престедатели биле доделувани без барање писмена гаранција за владино мнозинство. 

Телевизија 24 изминатите денови консултираше и универзитетски професори. Одговорот беше дека Уставот е непрецизен и мора да се толкува пошироко и пофлексибилно и да им се даде можност во следните 20 дена на партиите да формираат нова Влада.

0 Коментари

Остави коментари