Ќе одговараат ли кривично „пучистите“ во Судски совет?

Кој ќе го рехабилитира судскиот бродолом по низата обвинувања за приватизација, политички игри и клиентелизам во Судскиот Совет?

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев за ТВ 24 вели дека сегашната хаварија со случајот на Дамева, но и претходната претседателка Црвенковска, која се пожали на судско-бизнис елити, е само олицетворение  на вкупната општествена состојба во која се наоѓа Македонија и одговорноста на институциите кои бираат и предлагаат членови на Судскиот совет, судии, адвокати и обвинители. 

-  Сето тоа е резултат на тн приватизирана, клиентелистичка кадрова политика посебно на Судскиот совет. Само видете кои се предложени. И претходната претседателка и сегашната и членови, што може да очекувате од нив. Тоа е резултат на вклупната клима која егзистира во изборот и во државата. - вели Дане Илиев поранешен претседател на Врховен суд.

Сепак, Илиев вели дека не треба да се избрзува со барање за кривична одговорност, затоа шт, како што вели, ако не е предвидено разрешување на претседателот на Судскиот Совет, значи не е ниту забрането. 

Остри критики и од поранешната судијка во врховен суд Вера Коцо. Во интервју за РСЕ вели дека случувањата во Судскиот совет се аномија, непочитување на закон и отсуство на морални норми 

- Ова што се случи e недозволено. Не е дозволено од страна на нејзиниот заменик, да си земе за право во нејзино присуство да го преземе водењето на седницата, да нафрлува работи кои не се испитани и наједноставно ги повика присутните да гласаат за нејзино разрешување. Со кое право? Немаше такво право, од причина што со Законот за судски совет не е предвидено разрешување на претседател на Судски Совет. - изјави Вера Коцо поранешна судијка во Врховен суд.

Пратениците во најбрз можен рок да иницираат интерпелација за претседателката и заменик-претседателот на Судскиот совет, сугерира доцентот по уставно право на УКИМ Денис Прешова. 

- Имајќи предвид дека главни протагонисти во последните случувања се членовите на советот од редот на „истакнатите“ избрани од Собранието, пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација, особено и во најмала рака, против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик претседател и да се испитаат сите наводи за разни влијание врз советот на кои во повеќе наврати упатуваат токму овие членови и да се оцени нивната досегашна работа. - изјави Денис Прешова доцент по уставно право на Правниот факултет.

А заменик претседателот на Судски Совет Адеми кој иницираше разрешување на Дамева во интервју за Порталб вели сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено.

- Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено. - изјави Селим Адеми заменик претседател на Судски Совет.

Вчера, вицепремирката за добро владеење Славица Грковска порача дека е поразително тоа што судското тело кое треба да се грижи за угледот на судиите ги прекршува процедурите, а однесувањето на членовите е срамно за државата. Побара од надлежните институции да покренат постапка.

Дамева беше на скандалозен начин разрешена на само 4 месеци откако седна на столчето на Црвенковска. Прио преземањето на функцијата кажа дека во Судскиот совет нема да има место за ниту еден корумпиран судија, но наместо борба против корупцијата, остана без своето место.