Ќе има ли решение за велешката гимназија

Полуматурантите - Албанци кои имаат над 50 поени ќе се запишат во втора паралелка со албански наставен јазик во велешката Гимназија „Кочо Рацин“, а останатите под 50 поени ќе бидат примени во паралелка на албански наставен јазик, која ќе се формира во економското училиште Јовче Тесличков, потврди за Телевизија 24 директорот на Државниот просветен инспекторат Халит Ферати. 

„Очекувам да ги повикаат родителите и во најбрз можен рок децата да тргнат во истата гимназија. Останатите три или четири деца, кои се под минимуимот, ќе инсистирам, заради целиот овој процес, сите да поддржиме отворање на другата паралелка која е во економското средно училиште.“

Според Ферати, случајот непотребно добил политичка димензија и побара од сите инволвирани, да ги смират страстите. Во меѓувреме, шефицата на кабинетот на велешкиот градоначалник Марко Колев – Александра Андреева со недолични и навредливи зборови  нападна локален медиум и новинари, кои известуваат за случувањата со гимназијата, по што реагираше Здружението на новинари и новинарскиот Синдикат, кои побараа извинување од Андреева. 16 ученици од албанска националност гимназијата „Кочо Рацин“ одби да ги прими бидејќи, не ги исполнуваат условите од најмалку 60 поени, што е услов за прием во гимназиите во земјава во учебната 2023/24 година. Во меѓувреме, Министерствто за образование испрати насоки до гимназијата, со која и порача да ги запише и овие ученици, повикувајќи се на задолжителното средно образование, но и на барањето од директорот на Гимназијата за отворање втора албанска паралелка во неговото училиште. На тоа реагираа вработените во Гимназијата, според кои се врши неправда спрема оние кои се одбиени во првите два рока, а за малку не ги исполниле условите. Решението кое го соопшти директорот Ферати доаѓа една недела, откако Советот на Општина Велес гласаше против запишување на ученици во Гимназијата, кои не ги исполнуваат условите, а даде одобрение само за една албанска паралелка, која веќе неколку години егзистира во ова средно училиште.