Ќе има ли пензии за идните пензионери?

Владата систематски го уништува пензискиот фонд, обвини денеска СДСМ. Од партијата тврдат дека дупката во ПИОМ е зголемена за 40 проценти, а загрозен е и вториот пензиски столб. Според СДСМ, Владата размислува за негово укинување или сериозно слабеење, така што дел од придонесите кои сега одат во приватните пензиски друштва би се пренасочиле назад во државниот пензиски фонд. Опозициската партија оценува дека ваквите потези ќе ја намалат сигурноста на идните пензии и дополнително ќе го зголемат товарот врз државниот буџет.

Рената Младеновска СДСМ

Реакцијата доаѓа по ставот на гувернерот Трајко Славески, кој, посочувајќи на негово интервју за „Трилинг“ од пред две години, тврди дека околу 80 проценти од осигурениците што ќе се пензионираат меѓу 2030 и 2032 година нема да можат да обезбедат минимална пензија преку сегашниот модел. Според Славески, овие осигуреници релативно кратко штеделе во вториот столб, а дел од придонесот им одел таму наместо во ПИОМ, па на крајот ќе имаат и пониска пензија од првиот столб и недоволно акумулирани пари во вториот за да ја надоместат разликата. Затоа, вели гувернерот, државата ќе мора да интервенира, а како една од опциите се разгледува поголемо насочување на придонесите кон првиот пензиски столб. Тој потсети дека ова еднаш веќе се случило.

„Во 2019 година, кога дојде време да се пензионираат оние што доброволно се вклучија во пензиски столб, родени пред 1967 години, ги имаше 16.500 пензионери, како и земјоделци и лица со бенефициран стаж, се виде дека пензиите ќе им биде мали и Владата нечујно, тивко, ги префрли во ПИОМ. Некаде околу 40 милиони евра беа префрлени. Моја процена е дека тоа ќе биде и во иднина.“

Од СДСМ сметаат дека изјавите на Славески дополнително ги потврдуваат проблемите во пензискиот систем, на кои деновиве укажа и Државниот завод за ревизија. Во извештај за работењето на ПИОМ за 2024 година ревизорите констатираа зголемени неплатени обврски кон Фондот за здравствено осигурување и кон приватните пензиски друштва. За слабостите, директорот на ПИОМ, Никола Мемов, прстот го впери во претходното раководство. Според него, ревизијата во најголем дел се однесува на период кога со Фондот раководела поранешната власт. Мемов уверува дека исплатата на пензиите и функционирањето на пензискиот систем не се доведени во прашање.