Ќе има ли одложување на изборите?

ДИК бара државниот врв да ја преиспита одлуката за избори во април.  

Во овој момент редуциран е бројот на активностите на Државната изборна комисија и се прават сите напори поголемиот дел од обврските да се завршуваат по електронски пат, но во нивните простории понекогаш поради организација на изборите дневно се собираат и по 200 до 300 луѓе. Изминатите денови биле и членовите од ОИК од Дебар и Центар Жупа, каде сега е воведена кризна состојба поради коронавирусот.  

„Се надевам дека со ладна глава ќе се донесат разумни одлуки. Надлежните институции ја следат состојбата на дневна база, како што гледаме и здравјето на граѓаните е пред се. За другото за се има време“ - вели Оливер Деркоски, претседател на ДИК.

„Изборните дејствија се многу комплексни и опфаќаат повеќе илјади луѓе, само избирачките одбори. Три ипол илјади изборачки места по 10 се составени од 35 илјади луѓе, плус 80 општински изборни комисии“ - рече Борис Кондарко, член на ДИК.

ДИК ги предупредува партиите и дека ако ваквата состојба продолжи, можно е на денот на изборите да останат сами.

„Се прашувам како ќе постапиме ние како Државна изборна комисија ако избирачките одбори не поднесат барање дека поради страв од вирусот нема да одат на избирачко место. На избирачкото место тогаш ќе одат само претставниците на политичките партии“ - смета Јанаке Витановски, член на ДИК.

За мораториумот на партиите ДИК порачува дека и законски не им е дозволено да прават кампања до 22 март. Партиите пак засега молчат за нова лидерска средба – кој прв ќе пресече?

„За нас изборите не се ни прв, ни втор, ни трет ни четврти приоритет. За нас во моментот единствен приоритет е здравјето на граѓаните и второ надминување на потенцијалната голема економска криза“ - вели Александар Николовски ВМРО-ДПМНЕ.

И владејачката СДСМ на ист став. Од партијата за ТВ 24 велат:

„Состојбата се следи интензивно. Одложени се сите теренски активности. Коалицијата Можеме ќе ги следи препораките на надлежните институции, а сите одлуки ќе ги носиме заеднички водејки се од она што е најважно, а тоа е здравјето на граѓаните“.

Инаку, доколу сепак има одложување на изборите, мандатот на пратениците од сега веќе распуштениот собраниски состав ќе трае до изборот на новиот парламентарен состав, а досега веќе сме имале пракса на вонредно свикување на Парламентот.