Ќе има ли одговорност за обидот за бегство од Идризово?
Македонија прва вест во регионот .Филмскиот обид за бегство со копање на тунел во затворот Идризово се најде и на телевизиите и порталите во соседството.
Но, кај нас се уште се истражува, случајот со затворениците кои ископалае 47 метри од планираните 60, во тунелот правен едно метро под земја и во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули.
Истрагата треба да покаже и дали имало повеќемина инволвирани од првоосомничените осум затвореници, осудени на доживотни затворски казни, но и дали имало вмешаност од затворски полицајци. Денеска МВР нема никакви дополнителни информации за јавноста.
Со реакција се јави Алтернатива, партијата од чии редови беше разрешениот директор на затворот Идризово, Шпенд Тахири. Според нив, МВР се кити со туѓи перја, бидејќи Тахири бил тој кој го открил случајот, а добил разрешување само затоа што е кадар на Алтернатива.
„Вчерашната акција во затворот во Идризово, што резултираше со откривање тунел кој бил ископан за бегство на затворениците, е резултат на ангажманот на директорот на Алтернатива, Шпенд Тахири. Ова акција во Идризово се подготвувала подолго време и ќе биде запишана како историски успех на директорот на затворот во Идризово. За жал, Министерството за внатрешни работи се кити со туѓи перја сака да добие поени од работата на некого кој и со жртвување на својот и животот на своето семејство работел достоинствено и со најголема професионалнансовест во институција што можеби е најтешка за менаџирање во државата.“ - велат од Алтернатива.
Директорот на управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ денеска за ТВ 24 вели дека тунелот е речиси целосно затрупан и тој простор ќе биде искористен за шеталиште.
Според неофицијалните информации на ТВ24, тунелот е копан подолго време, односно повеќе од една година. Во него се најдени повеќе пластични корпи врзани со јажиња, кои служеле за да се извлекува ископаната земја. Имало и електричен кабел со сијалица, со кој затворениците си го осветлувале тунелот кој го копале.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пак, вели дека затворските проблеми се големи. Како критична точка во затворскиот систем го посочи токму затворот Идризово, каде за околу една година имаше неколку сменети директори, но и смена на директорот на Управување за извршување на санкции, на чие чело по една година се врати Јовица Стојановиќ.