Ќе има ли одговорност?
Енвер Беџети и Лирие Елези се судиите кои неоправдано ги одолговлекувале и со месеци ги чувале во фиока предметите Таргет Тврдина и Трезор, во кои како првообвинет, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, го спасиле од 20 години затворска казна.
Ова беше вчерашниот заклучок од усвоениот извештај на судскиот совет, кој имаше за цел да ја констатира состојбата при работата на Апелација по овие предмети, но не и да утврдува одговорност кај судија. Тоа значи дека иако во извештајот стои оти судиите од неоправдани образложени причини го одолговлекувале овој предмет, судскиот совет нема да бара одговорност од судиите.
Во случајот Таргет Тврдина судијата Енвер Беџети, кој во меѓувреме претендира да биде врховен судија, предметот Таргет Тврдина без ниту една релевантна причина девет месеци го чувал во фиока. Извештајот на судскиот совет нотира дека за овој предмет јавна седница се одржала на 7 март минатата година, а одлуката на Апелација за укинување на 12-годишната затворска казна против Мијалков е донесена 9 месеци подоцна на петти декември. Одговори и став по ова денеска побаравме од судијата Беџети, но одговор не добивме. Инаку Беџети работи во Апелација од 2012 година, а покрај тоа што постапува по кривични предмети, тој е определен и да го менува претседателот на судот во негово отсуство.
Покрај Беџети, ниту судијката Лирие Елези не одговори на нашите повици во обид да добиеме одговори зошто во предметот Трезор, каде Мијалков првично требаше да одлежи девет години, и биле потребни цели пет месеци да ја напише писмената пресуда. И покрај изјавите на апелационите судии дека се работело за комплициран предмет и оти за да се донесе одлука требало да се сретнат неколкупати, Тања Чачарова Илиевска од Судскиот совет рече дека докази, односно записници за овие наводни средби нема.
Како и Беџети, и Елези е судија со долгогодишно искуство, а во Апелација постапува по кривични предмети од 2018 година. Сепак, и покрај констатираните пропусти кај двајцата судии во овие два случаи, се уште останува отворено прашањето кој и дали ќе утврдува одговорност за неодамнешните контроверзни одлуки за јавноста на Апелација во однос на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.