Ќе има ли нов закон за работни односи по изборите?

Дали новиот Закон за работни односи некогаш ќе го види светлото на крајот од денот? И понатаму истиот е заглавен во фиока и нема “абер” ниту дали ќе се прават измени на постоечкиот, кој е стар повеќе од седум години ниту пак дали ќе се оди со целосно нов закон за работни односи. 

Овој закон мора да се донесе во најбрз можен рок, како и тоа минималната плата да изнесува 500 евра, дециден е синдикалниот лидер, Слободан Трендафилов.

Секојдневно младите работници си бараат нови адреси за лична сатисфакција и подобар животен стандард, затоа треба веднаш да се пристапи кон ревидирање на овој закон, кој патем веќе неколку години е во фаза на изработка, порачува Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата.

Што ќе се случи со овој закон со кој се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите, најверојатно ќе се знае по завршувањето на изборите. И во време кога младото работоспособно население постојано бара начин и гледа шанса за подобар живот надвор од границите на Македонија, актуелниот закон за работни односи останува нефункционален, бидејќи од 2005та година, од кога е донесен, досега има повеќе од 20 измени и дополнувања.