Ќе има ли минимална плата од 450 евра?!

Нема синдикална борба, има многу политика, вака премиерот Мицкоски му одговори на првиот синдикалец, Трендафилов на повикот да се сретнат во првите сто дена Влада за зголемување на минималната плата на работниците.

Мицкоски е зачуден што за помалку од два месеци работа на Владата синдикатот излегува со директни критики, а зад повиците за повисоки плати на работниците гледа политичка позадина.

„Мене ме зачуди фактот што веднаш претседателот на СДСМ излезе со поддршка на овој претседател. Јас ја разбирам потребата, секој од нас живее од плата. Ние не живееме од фабрики за марихуани и тендери, барем ние кои што сме овде. Јас би сакал и 5.000 евра да биде платата, но треба да дојдеме до тоа со оглед на состојбата што ја наследивме.“ - изјави Мицкоски.

Во меѓувреме зголемените плати на функционерите си легнуваат на сметките. Премиерот порача дека платите на функционерите нема да се намалат, но ќе бара законско решение за да не растат.

Сојзуот на синдикатите вчера побара средба со Владата. Бараат минимална плата од 450 евра. Порачаа дека Македонија има најниски плати споредено со земјите од регионот.

„Да ги бркате работниците во последните 30 години и денеска да носите работници од Непал кој патем ви бегаат од Македонија треба да ви удри во главата дека тоа што го правите како политика е недоволно, а за возврат на тоа да барате и кратење на работничките права како елементарното право на човечкото достоинство во недела да бидете слободни како да не дозволувате зголемување на платите на вработените во приватниот сектор од една причина а тоа е дека не сте можеле да си дозволите додека пак податоците зборуваат дека 250милиони евра на годишно ниво работодавачите во приватниот сектор ја оштетуваат државата односо буџетот поради неплаќање од задолжително сопцијално осигурување, плаќање плата во плико или недоволно платени работници. - изјави Слободан Трендафилов претседател на Сојуз на Синдиакти на Македонија.

Последните синдикални пресметки покажаа дека синдикалната кошница тежи повеќе од 1000 евра за едно 4 члено семејство да го помине месецот. Од Синдикатот засега не откриваат дали ќе има протести наесен  доколку не најдат заедничко решение со власта, но првиот синдикалец потенцираше дека сите опции се отворени.