Ќе има ли кривична пријава за екс директорката на УЈП Лукаревска ?

Управата за јавни приходи не одговори дали ќе поднесе кривична пријава против поранешната директорка Сања Лукаревска, откако актуелниот прв човек на УЈП Елена Петрова вчера обвини дека нејзината претходничка, незаконски и за време на избори им ги раскинала договорите на вработените, па им дала нови, што придонело некои вработени да добијат повисоки плати, а откако трудовиот инспекторат ја укинал одлуката, сега вработените треба да враќаат пари. Од УЈП велат дека постапувале по одлуките на другите органи Државниот инспекторат за труд и Антикорупциска комисија и имале обврска да ги информираат за преземените активности, врз основа на кои се водела постапката. Ова доаѓа откако Петрова вчера соопшти дека вкупно 129 вработени во УЈП сега ќе треба да враќаат пари, а управата е оштетена за близу 300 илјади евра.

„Државниот инспекторат за труд констатираше формално-правни неправилности, незаконитост на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување на сите вработени во УЈП и склучување на нови договори, а за кои и Државната комисија за спречување на корупцијата констатираше неправилност, бидејќи истите биле реализирани во период по распишување на изборите, а исто имало свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус. Дел од овие 129 вработени, пред да им бидат сменети договорите биле административни службеници, кои со новите договори преминале во даночни службеници, а дел биле даночни кои добиле нови звања.“

Поранешната директорка на УЈП Сања Лукаревска демантира дека имало незаконитости во процесот на трансформација на статусот на вработените. Вакви случаи имало и претходно и немало ништо спорно, но сега инспекторатот очигледно не го зел тоа предвид, вели Лукаревска.

Лукаревска вели дека, како вработена на раководна функција во УЈП, Петрова знаела за обврската и процесот на трансформација на работните места. Новата директорка Петрова вели дека била информирана за донесените измени на Закон за УЈП и за тоа дека се подготвуваат нови акти, но кога се настанати сите овие спорени процеси во тој период не била дел од УЈП, туку вршела функција во техничката влада, како дополнителен заменик министер за финансии.