Ќе ги седне ли Орбан Трамп и Путин на иста маса?

Франција планира да распореди контингент од приближно 2.000 војници во Украина од Легијата на странците, тврди Руската надворешна разузнавачка служба. Јадрото на формацијата ќе го сочинуваат јуришните трупи на Француската легија, пред сè од латино-американските земји. 

Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ

„Нашата војска често слуша странски јазици на своите радиостаници по линијата на контакт. Ова значи дека странци се таму. Ги елиминираме“. 

Според руски извори, француските трупи се веќе распоредени во подрачјата на Полска кои граничат со Украина, каде што поминуваат интензивна воена обука. Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан тврди дека самитот во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Русија Владимир Путин, сепак ќе се одржи. Мировниот договор за руско-украинската војна ќе биде потпишан во Будимпешта, изјави Орбан.

Виктор Орбан – премиер на Унгарија

„Она што е одложено, сепак ќе се случи. Преговорите се во тек и фактот е дека мировниот самит ќе се одржи во Будимпешта“. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен за мировни преговори каде било, освен во Русија и Белорусија, доколку тие разговори би можеле да ја завршат војната, но дека украинските сили нема да се повлечат ниту чекор назад на бојното поле за да отстапат територија. Инаку, руските трупи ги концентрираа своите главни ударни сили во правец на градот Покровск во регионот Донецк, каде што продолжуваат жестоките борби во градот. 

Володимир Зеленски – претседател на Украина

„Разговарав со војската, посебно внимание се посветува на Покровск, како и на соседните области“. 

Неколку украински градови беа погодени од нов бран руски напади со беспилотни летала, особено во регионот на Херсон каде што има повредени. Русија, од друга страна, соопшти дека соборила 193 беспилотни летала, од кои 34 биле над Москва.