Китановиќ во СТУДИО 10: Во младите е иднината, па треба повеќе да ги слушаме
МИМО е проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Овие проекти работат директно со младите и оттука можат да се добијат директни одговори.
По пет ипол години УСАИД го затвори овој проект, но проектот МИМО продолжува и понатаму. Тоа е проект што започна во 2017 година и целта му беше да се здружат младите во заеднички проекти.
- Ние како тим влеговме ентузијастично во проектот и очекувавме учениците да го препознаат нашиот ентузијазам и ќе сакаат да се вклучат во младински активност за да иницираат промени кои сакаат да ги видат во своите средини, вели Ивана Китановиќ, координаторка за комуникации и социјални медиуми во МИМО во СТУДИО 10 на ТВ24.
Образовните институции најавија дека иако проектот завршува тие ќе продолжат да ги поттикнуваат младите да се вклучуваат во вакви проекти со оглед на тоа што осум од десет ученици покажаа интерес за учество.
- Образовните институции, МОН, БРО и други се вклучија, ги поттикнуваа училиштата да спроведат активности кои станаа системски во образовниот процес, вели таа.
Китановиќ вели дека општините развија системи за поддршка на младите и нивните идеи. Друга системска промена е проширувањето и осовременувањето на граѓанското образование со што се поттикнуваат младите да бидат активни чинители во општеството.
- Беа опфатени над 400 илјади ученици, родители и образовен персонал. Тие имаа шанса да учествуваат во над 5000 проекти во рамки на стратегиите што ги направија општините. Вкупно 81 илјада ученици активно учествуваа, вели Китановиќ.
Проектот ги вклучуваше сите наставни јазици во земјава - македонски, албански, турски, српски... Оттука во екипата има членови кои се инволвирани во наставата на сите овие јазици. Китановиќ вели дека станува збор за десетина луѓе кои вложија максимален напор за спроведување на целта на проектот за меѓуетничка младинска интеграција.
- Младите изготвија приоритети, по што изготвија прашалник за соучениците за она што ги интересира. За нив се разговараше со градоначалниците. Учениците беа воодушевени кога видоа дека нивните идеи се реализираат, вели Китановиќ за СТУДИО 10 на ТВ24.
Спред Китановиќ, резултатите покажаа дека младите не ги интересира меѓуетничката припадност туку ги интересира она што е заеднички интерес на нивната генерација, а тоа е подобро општество. Оттука и толку големиот интерес за вклучување во акциите на МИМО, заклучува Китановиќ и додава дека е прекрасно да се видат промените кои здружено можат да се постигнат.
Инаку, во рамки на проектот се реновирани 60 училишта оти тоа го бараа младите, па над 42 илјади ученици учат во подобрени услови.