Кинеското ГП официјално е одложено поради коронавирусот
Foto

Кинеското ГП официјално е одложено поради коронавирусот

Исчекувањето заврши, ФИА денеска официјално се огласи со одлука дека го одложува Кинеското ГП, кое беше предвидено за 19 април, во новата сезона 2020.

Уште минатиот месец се покренаа сомнежи и прашање дали е безбедно да се вози во Шангај во ситуација кога коронавирусот зема замав, а од ФИА велеа дека се проценува ситуацијата и се бара решение. Денеска официјално трката е одложена, но не е јасно што ќе се случува понатаму со неа.

„Поради ширењето на коронавирусот и по долги дискусии со Автомобилистичката федрација на Кина, трката во Шангај е одложена. ФИА; заедно со Формула 1, заеднички реши да го прифати барањето од промоторот на ова ГП, оригинално закажано за 19 април. Поради континурианата грижа за здравјето и откако Светската здравствена организација објави дека коронавирусот е глобален здравствен проблем, ФИА и Ф1 презедоа мерки за да ги заштитат здравјето и безбедноста на персоналот, на учесниците во првенството и на фановите, кои се наш прв приоритет“, пишува во соопштението на ФИА.

Нема информација за кога би било одложена трката во Шангај, но постојано пишува „одложена“, наместо „откажана“, што значи уште траат обидите да се најде термин за него. Во претпоставките од пред неколку недели светските медиуми прогнозираа дека ќе биде презакажено во октомври, некаде околу руското и јапонското ГП, но тоа ќе значи задолжително три трки едноподруго, што може да биде проблем за тимовите од аспект на подготовка.

0 Коментари

Остави коментари