Кина: Се надеваме дека МКС ќе биде објективен во однос на Израел

Кина денеска соопшти дека се надева дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг ќе задржи „објективен“ став откако објави дека се бараат потерници за лидерите на Израел, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху и на Хамас за воени злосторства извршени за време на седуммесечната војна во Газа.

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан вчера изјави дека поднел барање за налози за апсење поради воени злосторства на највисоките лидери на Израел и Хамас поради нивниот конфликт.

Кан во изјавата соопшти дека бара потерници против израелските лидери Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за злосторства, вклучувајќи „намерно убиство“, „истребување и/или убиство“ и „изгладнување“.

- Кина секогаш стоела на страната на правдата и меѓународното право за палестинското прашање, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, додавајќи дека Пекинг ги поддржува „напорите за промовирање на сеопфатно, праведно и трајно решение за палестинското прашање“.

- Колективното казнување на палестинскиот народ треба да престане, додаде тој.

Според Ванг, постои „голем консензус во меѓународната заедница веднаш да се запре војната во Газа и да се стави крај на хуманитарната криза на палестинскиот народ“.