Кина ја прекинува соработката со САД
Расте судирот меѓу Кина и САД. Откако официјален Пекинг објави дека ќе воведе санкции за претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси по нејзината посета на Тајван, кинеското Министерство за надворешни работи најави суспензија, но и повлекување од заедничката соработка со САД за низа прашања, меѓу кои за климата, прекуграничната соработка во борбата против криминалот, миграцијата и борбата против дрогата.
- „Кина има право да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Тензиите во Тајванскиот теснец во основа се предизвикани од присуството на третиот највисок функционер на американската влада на Тајван, непочитувајќи го притоа силното противење на Кина. Ова е голем инцидент кој предизвикува сериозна штета на принципот на една Кина и на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина“, вели Хуа Чунјинг – портпарол на министереството за надворешни работи на Кина.
Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пак вели дека Кина нема да ја прави агендата за патувања за функционерите на САД. Според Пелоси, Кина се обидува да го изолира Тајван, а дека нејзината посета на Тајпеј е само изговор за Пекинг да спроведе воени вежби во близина на островот.
- „Кина се обиде да го изолира Тајван. Можеби ќе се обидат да го спречат Тајван да учествува на други места, но нема да го изолираат Тајван со тоа што ќе не спречат да дојдеме овде“, вели Ненси Пелоси - Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Во меѓувреме, растат тензиите во тајванскиот теснец. Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека 68 кинески авиони и 13 воени бродови влегле на територијата на Тајван. Кинеската војска и денеска спроведе низа воздушни и поморски вежби северно, југозападно и источно од Тајван.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја осуди Кина поради одржувањето воени вежби околу Тајван, нарекувајќи ги провокации кои предизвикуваат значителна ескалација на тензиите. Според Блинкен, не постои никакво оправдување за да оддржување на воените маневри во близина на Тајван.
Белата куќа го повика на разговор кинескиот амбасадор во Вашингтон, Чин Ганг, за да изразат осудата за провокациите против Тајван и да потврдат дека САД не сакаат да се разгори кризата во регионот.