Кичевчани скептични дека некогаш ќе се изгради клиничкиот центар во нивниот град

"Исто како и автопатот што се направи така и болницата." - велат кичевчани кои веќе не веруваат во политички ветувања. Скоро па и немаат надеж дека и оваа Влада ќе успее да ја доврши болницата која се гради скоро 40 години.

Новите најави се од министерот за здравство Таравари кој пред неколку дена во тв гостување рече дека се планираат инвестиции за кичевската болница и штипскиот клинички центар а планот е нивната изградба да финишира во 2027 година. Според Таравари неколку меѓународни компании се интересирале за финансирање на овие две здравствени установи.

За потсетување болницата требаше да биде довршена во април годинава, но лани во декември поранешниот министер за здравство го раскина договорот со фирмата која требаше да ја доврши, бидејќи се пробија роковите, а на терен немаше активности. Инаку во 2022 година за објектот беа издвоени 1 милион евра.

Кичевската болница е предизвик за секој министер, барем според нивните изјави но досега се сменија 17 на број, а никој не ја доврши приказната. За објектот досега се потрошени милиони евра, а се уште е карабина.

Со оглед на тоа колку години трае изградбата кичевчани иако не им е до шега, знаат да се насмеат дека болницата може да биде впишана и во Гинисовата книга на рекорди.