Кичеец сам ќе се пријави во Шутка, нема одложување поради неработниот ден
Зоран Милевски-Кичеец нема да бара да му се одложи затворската казна. Ќе се пријави сам денеска во затворот во Шутка, најави за Телевизија 24. Тој е првиот осуден во аферата „Рекет“, кој веднаш призна вина и доби тригодишна казна.
- Не сум поднел барање за одлагање и ќе се јавам на издржување на казната, вели за ТВ24 Милевски.
Неговата казна ја потврди Апелација, а терминот за во затвор го доби од судијата за санкции Пајазит Пајазити. Директорот на истражниот затвор Шутка, Есад Рахиќ за ТВ24 вели дека денешниот празник не го одложува неговиот прием. Истото го потврдува и првиот човек на Управата за извршување на санкции.
- Затворот работи 24/7, дали е делник или празник тоа нас не не интересира. Кој кога има термин од судија, има должност да се пријави.- вели Јовица Стојановиќ-директор на Управа за извршување санкции.
Доколку Кичеец до полноќ не го исполни најавеното, затворската управа ќе го извести судот, а следен чекор е да биде спроведен со полиција.
Од вкупно три години, му остануваат помалку од година ипол затвор, бидејќи од апсењето во јули 2019, беше во притвор до април годинава, кога беше пуштен во домашен притвор со 200 илјади евра гаранција. Позитивно мислење за да излезе од ќелија даде и обвинителката Вилма Русковска, а освен гаранцијата Кичеец барал ослободување и поради починат родител и други семејни причини.
Зоран Милевски не прозборе во судницата која ја делеше со долгогодишниот пријател Бојан Јовановски и поранешната шефица на СЈО Катица Јанева. Неговото дело, според обвинението е „примање награда за противзаконито влијание“. Она за што се обвинува е посредувањето, ги поврзал и договарал средбите меѓу Камчеви и Боки13.
Според тврдењата на Јовановски од судница, Кичеец бил вработен во „Орка Холдинг“ и ги пренесувал пораките од бизнисменот Камчев. Целта била Камчев да куртули од вина во „Империја“.
Кичеец се појавува и во клучната снимка според која обвинителството тврди дека го изнесуваат милионот во фамозната Луј Витон чанта. Неговата казна е најниска, Боки 13 доби 9 години, а Катица Јанева за злоупотреба на положбата во СЈО, седум години затвор.

