Хуманитарен пункт во Скопје за настраданите од пожарите, со дронови ќе се ловат подметнувачите на пожари
Отворен хуманитарен пункт во Скопје, во близина на трговскиот центар „Ист гејт“, за уништените села и куќи во светиниколоско и источна Македонија. Се собираат материјални добра за граѓаните, чии домови ги изгубија, во организација на Хуманитарни акции.мк, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија и Интернационална Полициска Организација.
Оттаму велат дека за 24 часа граѓаните донирале многу повеќе од она то очекувале. Пунктот ќе биде отворен секој ден, а сите оние кои сакаат да донираат а не се во можност да дојдат на пунктот, ќе можат да ги контактираат одговорните лица на фејсбук страната на https://www.facebook.com/Humanitarni.akcii.vo.Makedonija .
„Во прва фаза собираме облека, храна, лекови, средства за дефинфекција, душеци, перници, јоргани, пелени... за да можат луѓето да адаптираат на нивната голема трагедија.“ - вели Владимир Чолаковски претседател на „Хуманитарни акции“.
„Ние сме позитивно изненадени, мислевме дека акцијата ќе оди бавно, но уште во текот на денот испративме пратка во Свети Николе, од она што граѓаните утрово донирале.“ - вели Гоце Делчев Тодев од Независниот полициски синдикат.
Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов посочи дека се појавуваат нови пожари на територија на Македонија, со акцент на еден специфичен пожар од албанска страна, во реон на преспанско, кој се движи кон нашата територија. Ангелов алармира дека доколку пожарот се прошири и на наша територија, ќе биде на непристапен терен. Потенцира, сите оние кои користат плински уреди, истите да не ги користат или да бидат во согласност со законските уредби за безбедно користење, бидејќи оставањето плиснки уреди на сонце е голем ризик и потенцијал за пожар на отворено. Во овој момент, за гаснење на пожарите стигнува и помош од странство.
„Еден српски хеликоптер со тритонско ведро, два хеликоптери од Унгарија и два ер-трактори од Германија кои носат три тона вода, но имаат ограничување-истите се со тркала и не можат да полнат вода од нашите езера и истите мораат да слетат на скопскиот аеродром и да наполнат вода. Исто така на располагање и помош ни е и тим од 44 пожарникари од Унгарија, со специјални теренски возила, дејствуваат во реон на село Брезница.“ - вели Стојанче Ангелов директор на Центар за управување со кризи.
За месноста ,,Буково", на тромеѓата помеѓу село Расино , с. Косел и с. Опејнца, каде активно гори борова шума, Директорот на бирото за јавна безбедност, Александар Јанев пак, најави дека сите дронови кои се расположливи, ќе бидат во функција 24 часа, заедно со термалните камери, заради откривање на можни сторители-подметнувачи на пожари.
Во текот на вчерашниот ден регистрирани се вкупно 29 пожари, од кои три се под контрола. Додека пак, активни се во Македонски Брод село Тажево кон Јасен, село Базерник демирхисарско, село Фурка Гевгелија, село Драчевица Студеничани, село Зелениград Пробиштип.