„Храна за душа“ - 37мо издание на Саем на книга, што читаат македонските граѓани?
Македонските граѓани кои сакаат да читаат можеби не се многубројни, но сепак се присутни и доследни на својата љубов кон пишаниот збор. Тие бараат книги од различни жанрови од белетристика до стручна литература, а домашните автори не изостануваат по популарност од странските, велат издавачите на отворањето на новиот Саем на книга со слоганот „Храна за душа“.
За читателите пресудна е темата на книгата по која се дојдени, а многумина дошле да купат книга како подарок со смисла за пријатели и членови на семејството.
Министерот за култура, Зоран Љутков, кој заедно со Претседателката на државата како и својот српски колега Никола Селаковиќ, присуствуваа на отварањето на Саемот на книга, укажа дека без јазик немаме иднина, а нема ниту јазик што опстојува без своја книжевност.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова пак, потенцираше дека откажувањето од читањето значи откажување од размислувањето, а тоа пак, нé носи до духовен и интелектуален банкрот.