Хорската музика го исполни македонскиот КИЦ во Софија

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа концерт на Мешовитиот хор при Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола, кој за првпат настапи пред публиката во Македонскиот КИЦ во Софија.

Концертната вечер, исполнета со хорска музика, убави емоции и топол прием од присутните, беше уште еден настан во богатата програма на Македонскиот КИЦ во Софија, кој продолжува активно да ја претставува македонската култура и уметност.

Минатата година Македонскиот културно-информативен центар во Софија одбележа 20 години од своето постоење, а оваа година ја продолжува својата мисија во 21-вата година од својата работа. Во тој контекст, секој нов уметнички настап во просторот на Македонскиот КИЦ претставува можност пред публиката да се претстават нови уметници, ансамбли, автори и различни сегменти од богатата македонска културна традиција.

Токму затоа, првиот настап на Мешовитиот хор на КУД „Стив Наумов“ во Македонскиот КИЦ беше посебно убав повод за музичка средба и за претставување на хорската уметност пред присутната публика.