Холандскиот премиер Марк Руте во Македонија - нема официјални изјави - кои се пораките?

Марк Руте во мисија да ги спасува преговорите со ЕУ - посетата е и поддршка дека има излез од политичката криза, велат експертите.

Без медиумско внимание и прес конференција за новинарите, на еден ден пред гласањето недоверба на владата во собранието, Северна Македонија за прв пат ја посетува холандски премиер, а пораките се зад затворени врати на Илинденска бр 2. 

Експерите велат дека Руте не доаѓа да ја спасува владата, туку преговорите со ЕУ и главно прашање денеска е дали има шанси Македонија да ги почне преговорите во декември. 

- Холандија е голем противник на проширувањето на Европската Унија и последните изјави што ги даваат холандски политичари се дека веќе Холандија дава пас за Македонија да ги почне преговорите. Но бидејки Франција го почнува претседателството од 1ви јануари и ќе има претседателски избори, што е непопуларно во тој период да се одобрува проширувањето на ЕУ, мислам дека сега се бара решение. - вели Ерол Ризаов новинар и аналитичар.

Според аналитичарите, Руте нема јавно да навлегува во домашно политички калкулации и арбитрирања, но едно е важно - Со држава која нема стабилна влада не се преговара. Според експертите моменталната ситуација не е најдобра ниту за Македонија ниту за ЕУ и мора да се најде брзо решение. 

- Холандија е гласна на тоа дека треба да ги започнеме преговорите и истовремено е свесна дека кредибилитетот на ЕУ се намалува затоа што ова прашање стагнира. Не верувам дека можеме да најдеме поврзаност со тековната ситуација, но добро е што и покрај политичката криза се дава сигнал дека има поддршка од европските партнери. - изјави Симонида Кацарска директор на ЕПИ.

Холандија ќе стори се што е во нејзина моќ да се одблокира почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија, изјави Марк Руте пред почетокот на самитот во Брдо во Словенија. Тој тогаш порача дека ќе треба да се почека завршувањето на изборите во Бугарија за да се надмине блокадата на Софија врз македонските преговори. 

Денеска ситуацијата е многу поразлична, јасно е дека ако политичката состојба во Макеоднија не се стабилизира во најкраток рок, Брисел нема да има што да расправа во декември за Македонија, затоа што нема да се знае ниту кој ќе ги води преговорите со Бугарија ниту врз која основа, а шансите за успех во вакви околности се многу мали.