Хоџа: Активностите за изградба на Регионалната депонија во Новаци се одвиваат според планот, опремата веќе се распределува

И додека активистите алармираат дека проектот доцни, министерот за животна средина вели дека изградбата на  регионалната депонија во општина Новаци се одвива во рамките на предвидените рокови односно дека во оваа фаза веќе е започната распределбата на специјализирана опрема за справување со цврст отпад, која е наменета за јавните претпријатија во општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.

Овој проект се смета за клучен чекор кон воспоставување модерен систем за управување со отпад во овој дел од државата.

На прашањето кога точно објектот ќе биде целосно ставен во функција, министерот Хоџа појасни дека динамиката зависи од обемната документација која во моментов е во фаза на подготовка. Тој нагласи дека се почитуваат сите административни и правни процедури за да се обезбеди квалитетна изведба.

​Регионалната депонија во Новаци ќе биде изградена според најстрогите европски еколошки стандарди. Со нејзиното пуштање во употреба​ се очекува да се реши деценискиот проблем со неконтролираните диви депонии кои ја загадуваат почвата и воздухо а ќе  се овозможи примарна селекција и соодветен третман на отпадот во истовреме ​Ќе се подигне нивото на заштита на животната средина во двата региони.

​Овој проект е дел од пошироката стратегија на Владата за регионално управување со отпад, со која се предвидува затворање на сите нестандардни ѓубришта и воспоставување еколошки одржлив систем на национално ниво.