Хируршки клиники под клуч, пациентите во грч
Загриженост и страв кај пациентите чии операции се одложуваат. Операционите сали во скопскиот клинички центар речиси две недели не работат. Хируршките одделенија во болниците „8ми септември“ и „Наум Охридски“ ги преземаат итните пациенти, капацитетите се речиси исполнети.
Од Националната Алијанса на пациентски здруженија велат дека надлежните мора проблемот што побрзо да го решат за да не трпат пациентите.
„Доаѓа летниот период знаеме дека одредени оперативни зафати за време на летен период се одложуваат и сега веќе се наоѓаме во еден да речам транзиционен период кадешто голем дел од тие интервенции би требало да завршат така што одложувањето кај оваа група на пациенти предизвикува голема загриженост. Уште еднаш ние ќе се обидеме да аплеираме здравствените власти да дадат подетални објаснувања и колку време планираат да бидат затворени салите бидејќи добиваме само минимални информации кои за жал не ги смируваат вознемирените пациенти кои треба да направат одредена интервенција.“ - вели Милан Мишковиќ – Претседател на Национална Алијанса на пациентски здруженија.
Од Алијансата на здруженија потенцираат дека токму ваквите состојби покажуваат дека на здравството му е потребна целосна трансформација.
„Ние мора да имаме „бекап“ и оваа е показател дека во идниот период од сите реформи кои се најавуваат, јас мислам дека нас буквално не ни треба реформа туку трансформација на здравствениот систем, а една од нив е адаптација на клинички центри, а не се да биде усложнето и само еден центар во земјава тоа да го прави.“ - вели Мисшковиќ.
Министерството за здравство не дава информации кога ќе пристигнат резултатите од испитувањата пратени во Германија, ниту пак дали на повидок е решение на проблемот. Детали не соопштуваат ниту од Јавното обвинителство. Нема одговори на прашањата што се презема и дали и какви се првичните индиции. само кусо повторуваат дека известувањето е распоредено кај надлежен јавен обвинител кој врши проверки на тоа дали во конкретниот настан воопшто има елементи на кривично дело.
И додека здравствените власти молчат, менаџментот на старата градска болница веќе предупреди дека ако салите на клинички останат затворени подолго време, тогаш ќе мора да се направи план и активирање и на другите здравствени капацитети во земјава за да не лутаат пациентите со брзата помош од една во друга здравствена установа.

