Хероите од Службата за брза помош кои први им помагаат на пациентите со коронавирус
Foto

Хероите од Службата за брза помош кои први им помагаат на пациентите со коронавирус

Службата за итна медицинска помош е првото место каде што граѓаните се обраќаат за помош. Од појавата на корона вирусот во земјава, лекарите, медицинските сестри, шоферите и целиот персонал на оваа служба се првите кои што доаѓаат во контакт со пациентите со КОВИД 19. 

ТВ 24 полицискиот час синоќа го помина со медицинските тимови кои неуморно работат 24 часа во служба на граѓаните. 

Оваа е екипата на брзата помош која што ја затекнавме како се враќа од интервенција кај пациент заразен со коронавирусот. Откако состојбата на пациентот се влошила, тимот го транспортирал пациентот до Инфективната клиника. 

Откако ќе се вратат од интервенција, здравствените работници ги складираат униформите за еднократна употреба во посебно место, каде што и се дезинфицираат, а после секоја интервенција се дезинфицира и возилото на брзата помош, каде што бил транспортиран пациент. 

Да се работи во службата за брзата помош е предизвик само по себе, но предизвикот е уште поголем во услови на пандемија на нов вирус за кој се уште малку се знае. Стравот не ги одминува ниту здравствените работници но велат желбата да се помогне на пациентите е далеку поголема.

Сепак од службата велат дека имале и такви случаи каде што граѓаните криеле дека биле во странство или пак дека биле во контакт со заразен. Апелираат до сите граѓани да одговараат искрено на прашањата што им ги поставуваат медицинските лица.

За време на нашата посета за кратко време имаше неколку интервенции од медицинските тимови, а не престануваа да ѕвонат и телефонските линии во кол центарот на службата.

„Пациентите може да се јавуваат и за време на полицисики час“ - велат од таму.

Сепак, хероите како што ги нарече дел од јавноста - здравствените работници во време на корона кризата, се истите здравствени работници кои што работеле 24 часа во служба на здравјето на граѓаните и пред појавата на новиот вирус. 

Во Македонија има само 23.000 здравствени работници на 2 милиони народ. Затоа и тие апелираат да се почитуваат мерките од надлежните институции и пациентите искрено да одговараат на прашањата на епидемиолошките анкети.

0 Коментари

Остави коментари