„Хеленик петролеум“ преговара со македонските политичари за решение околу тужбата

Грчката Хеленик Петролем потврдува дека паралелно со арбитражниот процес, преговараат со нашите политичари за да се најде решение околу тужбата, со кој грчката компанија, сопственик на скопската рафинерија ОКТА, бара оштета од 32,6 милиони долари. Џорџ Алексопулос, извршен член на Одборот на директори на Хеленик Петролем, без да навлегува во детали, вели дека се прават обиди во преговорите, нафтовод од Солун за Скопје да биде активиран повторно. Тој се повикува и на Преспанскиот договор што го потпишаа двете земји, а каде во член 14, точка 4 стои дека двете страни ќе ја развиваат и ќе ја засилат својата соработка во однос на енергетиката, одобено преку изградба, одржување и користење на меѓуповрзувачки гасоводи и нафтоводи, на постојните и оние што допрва ќе се прават.

„Членовите на Арбитражниот трибунал беа назначени од двете страни и во моментов процесот е во тек. Паралелно со арбитражниот процес, ние водиме разговори со Владата на Република Северна Македонија со цел да најдеме спогодбено решение за спорот. Во однос на другото прашање кое се однесува на нафтоводот Солун – Скопје, ние исто така имаме контакти со владата во обид нафтоводот да продолжи да работи, согласно релевантната одредба од Преспанскиот договор.“

80% од нафтоводот е во сопственост на грчката компанија, а 20% на нашата земја. Пазарот сега е дали нафтоводот ќе го користи ексклузивно само ОКТА со тоа што Грците ќе прифатат да земат помалку пари од најавените 32 милиони долари што се ставени како побарување во тужбата до нашата земја. Нашите политичари, пак, тврдат дека нафтоводот, како и секој друг инфраструктурен објект, треба да биде достапен за секоја компанија која врши увоз на нафта, а Регулаторната комисија да ја утврдува цената за негово користење.

Групацијата Хеленик Петролеум ја тужи земјата поради непочитувањето на обврската за набавка на минимално договорените количини на мазут во периодот од 2008 до 2011 година, што е прекршување на договорот од 1999 година. По овој основ земјата еднаш веќе изгуби спор и плати 40 милиони долари.