ХДЗ убедливи во победата
Foto

ХДЗ убедливи во победата

Владејачките конзервативци на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ убедливо победија на парламентарните избори во Хрватска кои се одржаа во време на пораст на случаите на коронавирус, а нивниот најголем ривал, коалицијата Рестарт, предводена од Социјалдемократската партија, доживеа неочекувано фијаско.

Конзервативната ХДЗ со своите коалициски партнери во некои изборни единици освоиле 67 мандати заедно со три мандати добиени во дијаспората, додека на коалицијата Рестарт и припаднаа 41 мандат.

Премиерот и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ им се зблагодари на сите кои гласале за неговата партија и оцени дека демократија е кога граѓаните ја искажуваат својата волја во кој правец да се движи државата.

„Овој резултат обврзува. Имавме тежок мандат, полн со искушенија кои се зад нас. А предизвиците кои се пред нас се многу поголеми. Оваа победа ни овозможува да бидеме малку весели, опуштени. Веднаш почнуваме сите заедно, како и досега, со цело срце да работиме за Хрватска.“ - изјави Андреј Пленковиќ – лидер на ХДЗ.

Лидерот на Социјалдемократската партија на Хрватска Давор Бернардиќ поднесе оставка по изборниот дебакл. Тој рече дека за лидер на партијата ќе бидат распишани избори и дека тој нема да се кандидира.

„Не бегам од одговорност и подготвен сум да заминам од функцијата. Вршител на должноста претседател на СДП ќе биде Златко Комадина.“ - изјави Давор Бернардиќ – лидер на Социјалдемократската партија.

На трето место е Татковинското движење на Мирослав Шкоро со 16 мандати.

„Верувам дека има такви кои очекуваа повеќе, некакво чудо, но политиката е работа во која треба да се биде реален. Овие мандати се доказ дека сме во вистинска насока.“ - изјави Мирослав Шкоро – лидер на татковинското движење.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош изјави дека е можно поради изборите и поради прославата на победата во седиштето на ХДЗ да се прошири коронавирусот, но изрази надеж дека тоа нема да се случи.

Резултатите од изборите за експертите во дел се очекувани, но повеќе изненадувачки. Според нив, Хрватска се насочи сосема десно, бидејќи добри резултати добија Татковинското движење и Мост. Можно е ХДЗ да нема потреба да коалицира со оние кои ја претставуваат крајната десница, бидејќи позицијата на Пленковиќ е многу поудобна. Ваквата лесна победа на ХДЗ никој не ја очекуваше. Пленковиќ ќе го добие вториот премиерски мандат, а ќе му биде лесно да ја состави новата Влада.

0 Коментари

Остави коментари