Харис ја прифати номинацијата за претседател на САД: Ќе се борам за средната класа
Камала Харис ја прифати номинацијата од Демократската партија на партискиот конгрес во Чикаго, што ја направи официјален кандидат на партијата за претседателските избори во САД на 5 ноември.
„Во име на Американците, како оние со кои пораснав, луѓе кои напорно работат, ги следат своите соништа и се грижат еден за друг, во име на сите оние чии приказни може да се напишат само во најголемата нација на светот, ја прифаќам вашата номинација да станам претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Харис пред присутните на конгресот.
Харис ги повика Американците да ги отфрлат политичките поделби и да одберат нов пат напред и најави дека како претседател ќе се залага за намалување на даноците за средната класа, како и за поддршка на сојузниците од НАТО и Украина. Харис истакна дека сега е време за прекин на огнот меѓу Израел и „Хамас“ и постигнување договор за ослободување на заложниците во Газа.
Актуелната потпретседателка ја истакна својата лична приказна и искуството како обвинител, аргументирајќи дека има уникатни квалификации за да ги заштити интересите на Американците против Доналд Трамп, кој според неа, има само свои интереси на ум.
Нашата нација има ретка можност со овие избори да го надмине горчливиот и циничен пристап од минатото и да избере нов пат напред, не како припадници на една партија, туку како Американци, рече Харис пред собраните делегати.
Харис, која е ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, стана првата жена Црнкинка и личност од јужноазиско потекло која ја прифати номинацијата за претседател од една од двете главни партии во САД. Ако биде избрана, таа ќе стане и првата жена претседател во историјата на САД. Во својот говор од 40 минути, Харис не ги спомена директно овие историски први случувања и ретко ги употребуваше зборовите „Демократ“ или „Републиканец“, освен во контекст на дискутирање на двопартискиот закон за границите, кој Трамп го блокираше порано оваа година, а кој таа вети дека ќе го потпише ако биде избрана.