Харис и Трамп со завршни пораки во изборната кампања
Шест дена до крајот на претседателската изборна кампања во Соединетите Американски Држави, прогласена за најтурбулентната и најинтензивна во последните години. И во финалната недела изборната борба помеѓу двата кандидати е неизвесна и жестока – Доналд Трамп и Камала Харис се во мртва трка, разликата помеѓу нив на анкетите е минимална.
Во овој период, онлајн пазарот на политичко обложување доживеа вистински бум - американските граѓани веќе потрошија над 100 милиони долари на онлајн берзата типувајќи за победа на еден од кандидатите.
Екипата на ТВ 24 зборуваше со неколку обложувалници дали кај нас постои понуда за политичко обложување. Пред камерата тие не сакаа да говорат, но велат ниту некогаш постоела таква можност, ниту пак некој од граѓаните кои ги посетуваат обложувалниците пројавиле интерес за тоа.
Иако САД е стратешки партнер на Македонија и резултатите од претседателските избори имаат значење и за нашата држава, малку од македонските граѓани ја следат изборната трка и се заинтересирани за политиките на кандидатите, дури и ако се однесуваат на нас и на земјите од Западен Балкан.
Проценките се дека над 1 милијарда долари се потрошени во онлајн типувањето од заинтересирани граѓани низ целиот свет - дури и земјите од регионот како Хрватска и Србија учествуваат во обложувањето.