Хаос во Белград: Судири меѓу демонстранти и полиција

И синоќа продолжија протестите во Белград како израз на незадоволство од власта на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Пред Правниот факултет дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, а сцената потсетуваше на вистинска воена зона, јавува Нова.рс.

На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како демонстранти фрлаат петарди и огнени факли, додека во позадина одекнуваат и истрели.

На местото на протестите има засилено полициско присуство со оклопни возила. Атмосферата во центарот на Белград е напната, а нередите продолжуваат и доцна во ноќта.

„Не сме вреќа за удирање“, „Србија е во Ваљево, а гневот е во нас“, „Ги теравте децата да клечат, затоа народот ќе се крене“ – се дел од пораките кои ги испраќаат демонстрантите.

Протестите не се ограничени само на Белград – тие се одржуваат во повеќе од 20 градови низ Србија. Во последните два дена ескалацијата резултира со десетици повредени граѓани и полицајци.