Хаос на влезот на Охрид
Во последната незгода вчера учествуваа две патнички возила, а според информациите причинета е поголема материјална штета.
Претходниот ден попладнето по директен судир на две возила на влезот од Струга, автомобил заврши во водите на Охридското Езеро, а другиот го блокираше патниот правец. Неколку часа пред оваа незгода на стариот пат Охрид-Струга се судрија автобус и автомобил. Во незгодата е причинета поголема материјална штета, а две лица се повредени.
Охридскиот градоначалник повторно реагира.
„Во 24 часа 3-та сообраќајка, не дај боже да треба брзата помош при сообраќајка да се движи тука.Во политика од секакви побуди може да се носи одлука, само од инает НЕ‼️
Како и да е уште првиот ден го ископавте влезот да не се премислите случајно, понудивте двојно пари на изведувачите ако завршат пред рокот, јас само се надевам нема да имаме проблеми во овие тешки три недели пред нас (ако се 3 се разбира) - вели Кирил Пецаков градоначалник на Општина Охрид.
Министерот за транспорт и врски Бочварски пак бара трпение и од туристите и од граѓаните, вели до 10 јули се ќе биде завршено.
Градежните работи што ги започна централната власт на влезот на Охрид на почетокот на туристичка сезона, предизвикуваат голем револт кај граѓаните, локалната власт, хотелиерите и станоиздавачите.