Хамас: Најавената офанзива на Израел на Рафа ќе ги запре преговорите за заложниците
Претставник на Хамас денеска изјави дека најавената израелска офанзива во Рафа ќе го оневозможи преговарањето за ослободување на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група.
Претставникот, во изјавата за каналот Ал Акса на Хамас, рече дека доколку Израел започне офанзива на Рафа на границата со Египет, каде што се засолнија околу милион раселени Палестинци, тие ќе ги прекинат сите преговори за договор за ослободување на заложниците, пишува Тајмс оф Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во извадок од интервјуто што денеска во целост ќе биде емитувано, изјави за Еј-Би-Си њуз дека Израел „ќе ги порази преостанатите терористички баталјони на Хамас во Рафа“.
Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека премиерот и наредил на израелската војска да подготви план за евакуација на Рафа и уништување на четирите баталјони на Хамас, за кои рече дека се распоредени таму.
Израелската армија претходно, пред да спроведе напад бараше цивилите да се евакуираат на југот на Појасот Газа, но сега Палестинците немаат каде да одат, а хуманитарните агенции предупредуваат дека голем број цивили може да бидат убиени во нападите на Рафа.