Хамас го добил нацрт-предлогот за прекин на огнот во Газа

Палестинската милитантна група Хамас го доби нацрт-предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, што вклучува 40-дневна пауза во сите воени операции и размена на палестински затвореници во сооднос 10 спрема еден за израелските заложници, изјави денеска неименуван функционер запознаен со преговорите, пренесуваат британските медиуми.

-Според предлогот, што произлезе од преговорите во Париз, болниците и пекарите во Газа ќе бидат поправени, 500 камиони со хуманитарна помош ќе влегуваат во енклавата секој ден и илјадници шатори и каравани ќе бидат доставени за сместување на раселените лица, наведува изворот.

Тој додава дека во нацртот се наведува дека Хамас треба да ослободи 40 израелски заложници, вклучително и жени, помлади од 19 години, болни и постари од 50 години, додека Израелците ќе ослободат околу 400 палестински затвореници кои нема да бидат повторно уапсени.

Посредниците ги засилија напорите да обезбедат прекин на огнот во Појасот Газа со надеж дека ќе спречат натамошни израелски напади врз Рафа, градот  во кој има над милион раселени луѓе.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно за телевизијата Ен-Би-Си изјави дека верува оти Израел го намалил бомбардирањето на Рафа и посочи дека Израелците се заложиле да евакуираат голем дел од овој град пред копнената инвазија, пренесуваат американските медиуми.

Бајден, исто така, нагласи дека Израел ќе биде подготвен за прекин на огнот во Газа следниот месец, за време на муслиманскиот празник Рамазан, што почнува на 10 март, доколку се постигне договор за ослободување на некои од заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група.

Тој додаде дека се надева оти прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, што ќе овозможи ослободување на преостанатите заложници, може да стапи на сила на почетокот на следната недела.

Во конфликтот меѓу Израел и Хамас, што почна на 7 октомври минатата година, досега животот го загубија над 29.500 Палестинци и околу 1.300 Израелци.