Хаг во фокус: Сиљановска и Мицкоски отворени за разговор - топката е кај Софија

Скопје чека потег од Софија - Сиљановска и Мицкоски отворени за дијалог со Желјазков на ниво претседател - премиер.

Откако вчера бугарската влада за ТВ24 потврди дека на НАТО Самитот во Хаг ќе оди премиерот Росен Желјазков, денеска од кабинетот на претседателката, велат дека Сиљановска има позиција да разговара со сите политички чинители. Според ставот од Вила Водно, доколку има подготвеност од бугарската страна, шефицата на државата ќе ги изложи аргументите и пред премиерот Желјазков на Самитот во Хаг. 

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова има принципиелна позиција за темите од национален интерес да разговара со сите релевантни чинители во секоја ситуација за да се изложат македонските позиции, а со цел продолжување на сега блокираниот процес. - Кабинет на претседателка. 

И премиерот Мицкоски на иста линија - порача дека е прифатливо да се оддржи средба меѓу Сиљановска - Желјазков. Иницијативата ја чека од бугарска страна. Мицкоски повтори дека предлогот е на Антонио Кошта - претседателот на ЕС, а теренот е избран да биде на настан каде Македонија и Бугарија се рамноправни земји-членки. Во одлуката на Софија гледа егзибиција- со оглед на тоа дека на последниот Самит во Вашингтон присуствувал бугарскиот премиер и вообичано се ротира.

- Таму гледаме една егзибиција, можеби е таков начинот на функционирање на бугарската политичка сцена. Ако има било каква иницијатива, на ниво премиер со претседател, мислам дека и тоа треба да го прифатиме, без разлика што не сум јас таму – и тоа треба да го прифатиме. Ние мораме да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа - тоа што се зборува, не е дека неколку стотина наши сограѓани што за себе на последниот попис велат дека бугарскиот им е мајчин јазик не е проблемот, тоа е политика стара децении, тоа е стратегија. - Христијан Мицкоски премиер.

По половина месец молк - вчера Бугарија донесе одлука на НАТО Самитот да оди премиерот Желјазков. Со тоа паднаа во вода надежите Сиљановска и Радев да ги  испеглаат македонско-бугарските разлики на маргините на Хашкиот Самит.

Во меѓувреме, Бугарија изгласа резолуција во парламентот, со која ги зацврсти позициите кон Скопје. Вчера на телефонската линија Скопје- Софија, бугарскиот министер Георг Георгиев и официјално му ја пренел одлуката на министерот Мицунски, а истата и била и врачена на македонската амбасадорка во Бугарија- Агнеса Руси.