Кешот од 1,5 милиони евра што Камчев ги даде на Јовановски и Милевски не е изнесен од земјава

Кешот од 1,5 милион евра складиран во ташната со потпис на „Луј Витон“ кој Орце Камчев му го исплатил на Боки 13-ка сеуште е во земјава - тврдат извори од истрагата за ТВ 24. Според нив парите не се изнесени преку граница, ниту се влезени во финансиските текови. Уверуваат дека наскоро некој ќе „пропее“ каде е кешот исплатен за случајот „Рекет“ со кој бизнисменот Камчев преку Боки 13-ка, и преку обвинител си обезбедувал слобода за случајот „Империја“ на СЈО.

„Кратко е времето да се исперат толку пари. Тие пари уште се некаде во кеш, не се изнесени надвор од земјава, а се уште не се внесени во регуларните текови на финансискиот систем. Тој кеш ќе се најде, ќе каже некој – велат високи извори од истрагата за ТВ 24.

Другиот милион, пак кој две градежни компании го исплатиле на лични сметки на две лица од Меѓународниот Сојуз на Боки 13-ка во голем дел најверојатно е и потрошен.

„Таа трага на парите се губи откако се подигнати од банка во кеш. Но еден дел знаеме каде е, друг дел се бараат, друг дел не можеме да го најдеме, а дел најверојатно е и потрошен бидејќи имаше повеќе време тие пари да се „легализираат“.- велат нашите извори.

ТВ 24 вчера објави дека на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка нема ниту трага од парите, речиси еден милион евра, кои двете градежни компании ги исплатиле на лица од Сојузот за проектите за изградба на европски центри за возрасни лица. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека во финансиските извештаи на Сојузот ги нема 720-те илјади евра исплатени на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска од битолската компанија „Пелистер“ на Силјан Мицевски. А нема трага ниту од 233-те илјади евра кои легнале на сметката на потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, од струшката компанија „Дрим Билдинг“. Пари за кои токму Мандиќ преку соопштение тврдеше дека се потрошени за потребите на Сојузот и за двата договора со компаниите.

Сојузот на Боки 13-ка лани ја завршил годината со 11 евра на сметка. Прикажал приходи од околу 3.000 евра кои ги добил од членарини, подароци, донации и потрошил речиси толку за материјални расходи, помош и дотации. Претходната пак 2017 година немал обврска да достави завршна сметка оти имотот и приходите на Сојузот не биле повисоки од 2.500 евра.

Во обвинителството покрај за „Рекет“ има предмет и за овој случај, за кој исказ имаат дадено не само лица од Меѓународниот сојуз туку и функционери, но и бизнисмените, тврдат нашите извори. Сите се под истрага која треба да покаже дали некој од нив ќе се најде на списокот осомничени.